Општина Градско

 

Географиja
Градско е историски познато како значајна сообраќајна и трговска крстосница, не само за Република Македонија, туку и за поширокиот балкански регион. Тоа произлегува од неговата географска поставеност, која главно е рамничарскиот дел на средиштето на Македонија, распослано на двете страни на средното Повардарие. Низ него минуваат и се вкрстуваат значајни патни и железнички сообраќајни јазли, кои создаваат врска на северниот со јужниот дел на Балканот.
Нејзината територија зафаќа површина 290 km², на која егзистираат повеќе населени места. Населението на оваа Општина, карактеристично по етничката структура главно го сочинуваат мнозинство Македонци, а застапени се и Бошњаци, Албанци, Роми, Турци и Срби, кои претежно егзистираат од земјоделство.
Според новата поделеност на Републиката и локалната самоуправа, општината Градско започнува со сериозна ревитализација на овој регион, за да се сопрат миграционите процеси и целосно да се подобрат условите за живеење и егзистенција.

 

 

Територијата на Општина Градско се наоѓа во средното Повардарие, односно од двете страни на реката Вардар пред влезот во Тиквешката Котлина во средишниот дел на Македонија. Целата територија на Општина Градско е сместена во долината на Вардар, а токму во Општина Градско во реката Вардар се влеваат двете нејзини најголеми притоки, Брегалница од левата и Црна Река од десната страна. Ова укажува на поволната хидрографска состојба во Општината што е пак главна причина и услов за одличните услови и развој на градинарството. Во западниот дел на Општина Градско се протега планината Клепа, на која се развиени идеални услови за сточарство, односно најповеќе овчарство.

Историja

Населбата Градско името го добила по истоименото село што се наоѓа на 2км источно од неа. Новата локација е последица на изградбата на железничка пруга Солун - Градско - Скопје и потребата транспотрот на стоки за трговија да бидат непосредно до станицата.
Етимологијата на името своите корени ги носи од античката населба Стоби што се наоѓа на само 3 км источно од селото. Во 518 година, по катастрофалниот земјотрес што ја зафатил Античка Македонија, градот Стоби бил урнат и опостушен. Поради тоа околното население го нарекло Пуст Град, а тоа го прифатиле и жителите на селото како свое име. Со време придавката Пуст отпаднала, останало името Град што го носи и денес - Градско.
Територијата на општината изобилова со историско минато, културни знаменитости, артефакти, сакрални и световни споменици. Еден од најзначајните како за Градско, така и за вкупната македонска историја и култура е античкиот локалитетот Стоби. Тој е еден од најзначајните антички градби во светот чии тајни и вредности сеуште се истражуваат.
Споменик на културата од областа на сакралното архитектонско наследство е манастирот Св. Архангел Михаил кој се наоѓа на планината Клепа, помеѓу селата Горно и Долно Чичево.
Подигнат е како мала црквичка во периодот од 1695 до 1705 година што се потврдува и од бронзениот печат на манастирот во чија содржина е вградено името на Св. Архангел и сликата на Архангел Михаил. Во втората половина на XIX век, старата манастирска црква била обновена, реновирана и зографисана од зографот Хаџи Крсте во 1861 година.
Дека Градско има обележја на градска населба сведочи и архитектонскиот бисер, железничката станица изградена во 1871 година – една од најстарите и најубавите во Република Македонија.

Економија
Основата на економската активност во Општина Градско е земјоделството. На

површина од околу 7.000 Хектари обработливо земјиште, главно се одгледуваат градинарски производи и житни култури, а постојат и добри услови за развој на полјоделство и лозарство. Мал дел од населението се занимава со сточарство, со оглед на фактот што пасиштата во овој регион се најсушни во однос на другите во Повардарието и воопшто во Република Македонија, меѓутоа голем број на стада овци од Западна Македонија доаѓаат на презимување во бачилата во Општина Градско. Во 1947 год. Населбата Градско, и во дел од околните села Уланци, Росоман и Градско е воведена електрична струја. Во населбата Градско се појавиле првите никулци на индустријата. Во 1960 год. е изградена фабриката за битуменски маси и лепенки Изоломонт, чија вредност на производи во 1980 год. изнесувала 60 милиони денари. Во 1964 година изграден е уште еден индустриски капацитет Фабрика за производство на сточна храна со капцитет на 20.000 тони концентрат.
Во Опстината трговијата почнала да функционира со изградбата на железничката пруга и станица. Со тоа доаѓале трговци од Неготино, Велес, Скопје, Штип и др. Фирмите се бавеле со трговија на мешовита стока и вршење откуп на земјоделски производи а посебно житарици кои ги извезувале и надвор од Македонија. Трговски дуќани за продажба имало во Долно Чичево, Подлес, Виничани и Градско. Денес имаме современи продавници за мешовита стока и текстилна облека. Првите угостителски објекти се изградени во време на подигнувањето на железничката пруга. По завршувањето на Првата Светска војна 1918 год. се изградени хотел и угостителски дуќани кои во тоа време работеле успешно. Никнале и слаткари, фурнаџии и други угостителски објекти. Во поново време Градско како општина и како транзитен центар има околу десеттина ресторани кафетерии и др. Угостителски објекти од кои како по успешен можеме да го издвоиме ресторан Екслкузив.

Индустрија
АГРИА - Агроиндустриска Групација Месна индустрија и кланица „Агриа" - Долно Чичево. Производство на сите видови на свежо месо, со пласман низ сите градови во Македонија и извоз во Европа. Во селото Долно Чичево се наоѓа најмодерно опремена свињарска фарма.
Земјоделски Комбинат „Вардар" - Градско. Големо модерно-механизирано и организирано земјоделско производство на житни култури (пченица, јачмен), градинарски култури (домати, пипер, краставици), лозови насади, идустриски култури, сточарство (овци, крави, кози). Извозно ориентирано производство, но има и пласман на големо на домашните пазари.
Винарска визба „Стоби" - Градско. Една од најголемите и најсовремените новоизградени винарници во Македонија, со производство на висококвалитетни вина со пласман во Македонија и на пазарите во странство.
Фабрика за вештачки ѓубрива „Хемиска Индустрија Велес (ХИВ)" - Згрополци. Производство на вештачки ѓубрива за земјоделството, хемиски препарати и киселини за земјоделството, индустријата и машинството.
Млекарница „Милком" - Ногаевци. Производство на млеко, јогурт, сирење и сите видови на млечни производи, со пласман најчесто во општината и во Велес и поширокиот регион, а се почест по нарачка на други фирми и во Скопје.
Фабрика за сточна храна „Жито Вардар" - Градско. Крај самата железничка станица воо Градско се наоѓа фабриката за сточна храна на групацијата Жито Вардар од Велес, која со сточна храна го снабдува поширокиот регион.


Демографија
Според пописот од 2002 година, Општина Градско брои 3760 жители, од кои:

Македонци 2924 (77,77%)
Албанци 125 (3,32%)
Турци 71 (1,89%)
Роми 127 (3,38%)
Срби 23 (0,61%)
Бошњаци 465 (12,37%)
останати 25 (0,66%)