ПРОФИЛ ИНДУСТРИЈА
Во 1947 год. во Населбата Градско, и во дел од околните села е воведена електрична струја, а со самото тоа во населбата Градско се појавиле првите никулци на индустријата. Во 1960 год. е изградена фабриката за битуменски маси и лепенки Изоломонт. Во општината развиено е земјоделието како посебна индустриска гранка а од поново време е развиена и месната и млечната индустрија. Развојот на општината е насочен кон привлекување на инвестиции за изградба на фабрики за преработка и производство на здрава храна и развој на конзервната индустрија.
На територијата на општината Градско со цел да се обезбедат подобри услови за новите инвеститори особено се вложува во подобрување на инфраструктурата.
Во општина Градско се наоѓаат две индустриски зони. Локациите за индустриските зони се сообраќајно поврзани со регионалниот пат Р-103 Скопје-Гевгелија, воедно и сообраќајно поврзана со регионалниот пат Градско-Прилеп, и железничката станица со повеќе колосеци во населба Градско која е лоцирана во опфатот на индустриските зони.
Првата индустриска зона опфаќа 29,84 ха од вкупната територија на општината. На истата има веќе постојни индустриски објекти (фабрика за сточна храна „Жито Вардар", фабрика за премикси „ПАЛЕК", склад за тешки фракции горива „Макпетрол", фабрика „Изоломонт" и др.) Во индустриската зона ги има сите потребни инфраструктурни објекти - струја, вода (технолошка и санитарна), асфалтиран пат.
Втората индустриска зона опфаќа површина од 10 ха и се наоѓа на северната страна. Локацијата излегува на регионалниот патен правец Р-103 Скопје - Гевгелија. Во оваа индустриска зона се наоѓаат административните згради на ,,Вардар 03,, како и новоизградената винарија ,,Стоби,,.

